Македонија 24. јули 2019. / 13:17

(ВИДЕО) Златев: Секој што има снимка со корупција нека ми ја достави – изворот нема да го откријам!

(ВИДЕО) Златев: Секој што има снимка со корупција нека ми ја достави – изворот нема да го откријам!

Главниот и одговорен уредник на Економски Лидер, Љупчо Златев, денеска беше повикан во полициска станица на распит за објавувањето на аудио-снимката на која се слуша како генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, договара тендер за М-Нав.

Златев по распитот даде изјава за новинарите.

Тој потенцира дека наместо надлежните да ги гонат оние кои прават криминал, тие ги гонат оние кои го откриваат криминал.

– Не гледам која е причианта да бидам повикан, како новинар, како уредник на Економски Лидер, на полициски разговор за објавен текст. – истакна Златев и дополни дека сепак текстот беше од јавен интерес, бидејќи се работи за трошење на државни пари.

Уредникот на Лидер кажа дека во полициската станица го прашувале кој е свиркачот кој ја доставил аудио-снимката.

– Главната цел не е да се открие криминалот, туку да се открие оној кој на медиумите им го дал криминалот. На ова одговорив дека никогаш нема да го откријам мојот извор. – додаде Златев.

Тој ги повика сите оние кои имаат докази за криминал на власта, на опозицијата, каде е застапен јавниот интерес да ги достават до редакцијата на Лидер.