Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Собранието Тала Џафери беа гости на американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“, каде што имале средба со адмиралот Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол.
– Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните воени способности на воено поморските сили на САД, кои им служат на американските, но и на сите граѓани на земјите членки на НАТО Алијансата. Стануваме дел од најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса на светот и во историјата на човечката цивилизација – објави премиерот на Фејсбук.
За средбата, преку социјалните мрежи се пофали и министерката за одбрана.
– Ден полн со адреналин. Слетавме на носачот на авиони „Хари С. Труман“. Заедно со премиерот Зоран Заев и шефот на парламентот Талат Џафери, таму имавме средба со адмирал Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол. Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните капацитети на воздушно поморските сили на САД и на НАТО. Стануваме 30. членка на Алијансата и веќе сме дел од семејството – напиша Шекеринска.