Нападите на функционери на СДСМ кон министерката во МТСП Рашела Мизрахи, на верска и национална основа, затоа што е Еврејка е еклатантен пример за говор на омраза, оцени на денешната прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска.
– Мерсиха Смаиловиќ, членка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, во стилот на нацистите на Хитлер, повика Рашела Мизрахи да биде обележана со давидова ѕвезда затоа што е Еврејка. СДСМ повикува на обележување и линч на македонските евреи како Рашела Мизрахи, рече Пешевска и додаде дека активистка на таканаречената шарена револуција, Видана Бошкова Мицевска, во стилот на Смаиловиќ ја нарече ВМРО-ДПМНЕ фашистичка партија, а Рашела Мизрахи Еврејка која соработува со нацистите.
Како што додаде, ваквиот говор на омраза на социјалните мрежи му се допаѓа на советникот на Заев, Зоран Бојаровски, кој платен од народни пари поддржува антисемитизам и ширење на омраза помеѓу граѓаните. Говорот на омраза кој го шири СДСМ во стилот на нацистите од минатиот век мора веднаш да престане..
Пешевска потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да толерира антисемитизам, говор на омраза на верска и национална основа кон никој и затоа бара итно извинување од СДСМ и Зоран Заев за говорот на омраза на нивните функционери.
– Бараме владата веднаш да го разреши Зоран Бојаровски од функцијата Советник на премиерот, но и да ја разрешат Смаиловиќ од нејзината функција во партијата. Доколку Заев и СДСМ не преземат чекори кон санкционирање на говорот на омраза се доаѓа до заклучок дека антисемитизмот и говорот на омраза е поддржан инструиран и донесен директно од врвот на СДСМ. Ваквата политика на поделби ќе биде поразена на изборите на 12 април. Политиката на поделби е резултат на нервозата и стравот од пораз. Навредите и говорот на омраза се последната фаза од падот на СДСМ и Заев“, рече Пешевска.