Македонија 18. октомври 2018. / 16:51

(Видео) Пендаровски во Брисел: Преговорите за членство во НАТО ќе бидат рутинска работа

(Видео) Пендаровски во Брисел: Преговорите за членство во НАТО ќе бидат рутинска работа

По повод стартот на завршната фаза од преговарачкиот процес со НАТО за членство во алијансата, што почна денеска во Брисел, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, изјави дека процесот ќе биде рутински и истакна дека Македонија има способни луѓе од сите министерства кои си ја знаат својата работа.

„Практично имавме две сесии претпладне и две попладне, и така и во текот на утрешниот ден. Поминавме одлично. Сесиите беа брзи и ефективни затоа што Македонија е најдолго кандидат, кој чека 20 години. Со овој статус сме од 1999 година на Вашингтонскиот самит на НАТО, и од тогаш до денеска имаме најмногу, 19-годишни кругови на национални годишни програми за членство. Тимовите дојдени овде од сите надлежни министерства и државни органи се подготвени многу одамна за ова. Само го чекавме моментот кој се случи во јули кога ја добивме поканата, да се отвори овој формален процес, оваа последна фаза, пред членство во НАТО“, истакна Пендаровски.

Делегацијата на Владата, предводена од заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, ја отворија денешната сесија со помошник-генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Македонија.