Почна граѓанскиот судскиот процес во кој премиерот Зоран Заев го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски за клевета. Николоски изјави дека Заев е врвот на пирамидата во случајот Рекет, по што премиерот го тужи.
По судењето денеска Александар Николоски даде изјава пред судот. Најпрво тој се извини на новинарите, но воедно и на целата јавност што ги малтертираат со, како што вели тој, непотребни судски рочишта.
– За жал ова е една пракса на Зоран Заев и СДСМ. Инсистирам да прекинат политичарите да се тужат меѓу себе како и политичари да тужат јавни личности и новинари. Јас сум кажал и ќе повторам. Ниту сум тужел, ниту ќе тужам било кој поличар за политичка изјава, ниту било кој новинар за натпис поврзан со мене. Се разбира, доколку не ја опфаќа приватноста и доколку не е надвор од полтичката работа, започна Николоски.
Тој додаде дека се брани сам, а од другата страна го има најскапиот адвокат во Македонија.
– Се обидувам правно да ја добијам битката и мислам дека ќе ја добијам затоа што и ова рочиште покажа дека аргументите се на моја страна. Одиме чекор по чекор во процесот, а не онака како што инсистираше адвокатот на Заев на самиот почеток а тоа е да се прескокнат правилата и веднаш да се оди на распит на странки, потенцираше Николоски.
Тој вели дека најинтересно за јавноста ќе биде распит на странки, а тоа ќе се случи на 6-ти април оваа година.