Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со неколку општински комитети на УМС, денеска се во посета во Струмица, на местото каде што започнал патот на Мирко Пецев, Стево Топчев, Борис Белев, Ѓорѓи Костуранов и Ѓорѓи Јаремов, борци, кои сакале да ја видат Македонија европска и интегрирана.
„Пецев, Белев, Јаремов, Топчев и Костуранов се петте млади животи кои што во тоа време сонуваа за европска Македонија, Македонија која што ќе биде независна, самостојна, Македонија која што ќе биде горда. Македонија која што ќе биде исправена, а не понижена и омаловажена. Годините потоа ќе сведочат за нивниот активизан, но и за нивното херојско дело кое го направиле додека биле живи“, изјави за медиумите Мицкоски.
Петте струмички студенти на 13 август 1951 година биле убиени од страна на тогашните комунистички власти. Тие се залагале за независна и обединета Македонија. Студентите биле приврзаници на идеалите на ВМРО и се бореле за излегување на Македонија од Југословенската федерација и создавање на независна држава. Поради тие причини биле прогласени за државни непријатели и убиени со по два куршума, еден во градите, еден во челото.