Македонија 04. март 2020. / 14:42

(ВИДЕО) Интервју со Страшо Ангеловски: Верувам дека Заев јавно ќе понуди федерализација

(ВИДЕО) Интервју со Страшо Ангеловски: Верувам дека Заев јавно ќе понуди федерализација

Јас верувам дека Зоран Заев јавно ќе понуди федерализација на Македонија на албанските политички партии за да нам како коалиција за Обнова на Македонија ни ја одземе можноста да коалицираме со која и да е партија на албанското малцинство во земјава, вели во интервју за Лидер, претседателот на МААК Страшо Ангеловски.

Тој потенцира дека во таков случај нема албанска партија која не би ја прифатила понудата на Заев за федерализација.

– Страв ми е човек кој ја гледа пропаста пред себе дека може да излезе со таква една крајна и отворена понуда за федерализација на земјата. Ние имаме коалиција на т.н мултиетничка партија со моноетничка партија. БЕСА е чисто албанска етничка партија која веќе три години заговара редефинирање на државата и доколку коалициите се потпишуваат на каков и да е идеолошки договор или договор кој ги вклучува основните постулати на соработката, кој би бил тој постулат кој би го прифатила БЕСА? Основниот постулат на БЕСА е редефинирање на државата. Заради ништо друго БЕСА не би влегла во коалиција, вели Ангеловски.

Потсетувајќи на заедничка изјава дадена во 2011-та од тогашниот премиер на Британија, Дејвид Камерун, на Франција, Николас Саркози и канцеларката на Германија, Ангела Меркел дека мултиетничноста и мултикултурализмот се мртви и немаат иднина, лидерот на МААК вели дека може да градиме граѓанско општество и граѓанска партија, но ставот на Заев дека тој гради мултиетничка партија е најпогрешната теза која лидерот на СДСМ можеше да ја изнесе.

– Тој може да си гради граѓанска партија и такво општество во оваа држава, но во националната држава на македонскиот народ, сè друго, воведувањето на двојазичноста, мултиетничноста, воведувањето на категории кои меѓународното право не ги познава сè тоа води кон федерализација, потенцира Ангеловски.

Според него, денеска Македонија е доведена во ситуација во која најпрво мора да се поразат оние кои довеле до ваква ситуација, а тоа ќе се случи на 12-ти април. Потоа вели Ангеловски, престои битка за враќање на вредностите, но секој оној кој ќе седне пред вас и ќе рече „ќе го вратиме името“, притоа лицитирајќи за колку денови тоа ќе се направи, мораме да бидеме отворени и искрени да кажеме дека лаже.

– Она што значи враќање на името, јас сум многу дециден дека ќе го сториме и тоа, меѓутоа треба да ја почекаме новата геополитичка реалност, во чии нови односи јас искрено верувам дека потребата од променето име ќе ја нема повеќе, дека потребата од виткање кичма ќе ја нема повеќе, дека суверенитетот повторно ќе биде основниот принцип на кој ќе се градат меѓународните односи, вели Ангеловски.

Во интервјуто за Лидер тој зборува и за главните цели и залагања на партијата МААК, за коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ, за партиципирањето на Македонија во НАТО сојузот, како и последните случувања со употребата на Законот за јазиците. Целото интервју погледнете го во продолжение…