Иницијативата „Стоп за извршителите“ подолг период преку протести бараат законски измени со кои ќе престане блокирањето на сметките, наплатата на долгот да не трае подолго од две години и да се почитува застарувањето на долговите.
– Законот за извршување е душмански направен, народ плаќа нешто што не постои, некои виртуелни долгови. Предмети имаме уште од 1994 година за кои што и денеска извршителите доаѓаат, дури не ни тропаат на врата, граѓаните дознаваат кога ќе пробаат да извадат пари дека сметката им е блокирана, изјави во интервју за Лидер, Марјан Ристески, од иницијативата „Стоп за извршителите“.
Додава дека не се бираат средства, се извршуваат самохрани родители, болни луѓе, социјални случаи, пензионери, притоа се крши законот, за кои Ристески тврди дека имаат факти и аргументи и доставени кривични пријави до обвинителството, но за жал, констатира тој, станува збор за тешка спрега меѓу нотари, одредени извршители, судии, обвинители.
– Поврзани се единствено за пари да собираат, за рекет да кажам. Го спомнуваме рекетот на Боки 13, меѓутоа верувајте овој рекет што се прави врз граѓаните со законот за извршување, Боки 13 е ситница, тој земал пари од некој кој има, а овие вршат рекет врз сиромашните граѓани, вели Ристески.
Тој додава дека нема институција која ја немаат посетено, но и дека добиваат само ветувања, а трпението на граѓаните е при крај.
– Затоа се овие протести, секој вторник во 11 и 30 часот пред Министерството за правда. Воведовме и пракса оштетените граѓани да обезбедат фотокопии од документацијата, правиме преставка и ја доставуваме до ресорното министерство. Жално е да гледаш возрасни луѓе 60-70 години како плачат, тврди Ристески.
Дали евентуалните измени на Законот за извршување би важеле ретроактивно? Треба ли да се вратат извршителите во судовите? Постои ли можност за отпишување на долговите? Целото интервју погледнете го во продолжение…