Премиерот Заев најави дека во текот на утрешниот ден ќе ги комплетира документите за реконструкција на Владата и рече дека се надева оти смените на министерските места ќе се извршат наскоро.
Заев очекува до крајот на месецот Собранието да ги изгласа новите кадри.
Инаку, според последните информации, за најавената мини-реконструција во Владата, владејачките партии СДСМ и ДУИ ќе ги заменат министерствата коишто се под нивно раководство – почнувајќи од министерствата за правда и за образование. Па така, досегашната министерка за образование, Рената Дескоска, се очекува да биде прв човек на Министерството за правда. Ресорот образование, пак, оди во рацете на партијата на Али Ахмети. За оваа позиција се подготвува досегашниот заменик-министер и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Арбр Адеми. Тој ќе биде новиот министер во образование.
Истовремено се пополнуваат и договорените министерски места за другите партнери во власта. ДПА објави дека за министер без ресор задолжен за странски инвестиции ќе биде предложен Бардул Дауити, додека за заменик-министер во Министерството за транспорт и врски, Мусадик Беќири.
Движењето Беса за министер за култура го предложи кандидатот за градоначалник на Гостивар, Асаф Адам, додека сè уште ги нема објавено имињата на замениците-министри во Министерството за надворешни работи и Министерството за труд и социјална политика.