Македонија 11. февруари 2020. / 11:29

Томовски: На два месеци пред избори СДСМ да запре со приватизација на хотелите на Попова Шапка

Томовски: На два месеци пред избори СДСМ да запре со приватизација на хотелите на Попова Шапка

Власта го раскрчмува имотот на АД ЕЛЕМ. Управниот одбор на претпријатието на 17-ти декември 2019 година донел Одлука за објавување на оглас за продажба на хотелите на Попова Шапка, хотел Славија и хотел Попова Шапка, обвинува Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со одлука на раководството на АД ЕЛЕМ и СДСМ се распродава милионски имот сопственост на АД ЕЛЕМ, а со тоа и на граѓаните на Република Македонија. СДСМ е во паника од неминовниот изборен пораз на 12 април и затоа пристапува кон приватизација на се што е вредно. На начин како што тоа го правеа во минатото. Туристичкиот комплекс Попова Шапка е од огромно значење за Република Македонија и со него СДСМ не смее да се однесува со невнимание и желба за личен профит за себе и свои блиски луѓе, истакна тој.

Томовски посочува дека туристичкиот комплекс Попова Шапка има сериозен потенцијал за развој и со него треба да се управува со посебно внимание и стратегија.

Ја повикуваме власта, да не се осудува да го става на продажба имотот на државата на Попова Шапка на два месеци пред избори, без никаков план и стратегија. Попова Шапка е туристички центар кој треба да се развива, а не да се уништува. Потенцираме дека било каква одлука во насока на продажба на хотелите Славија и Попова Шапка ќе подлежи на ревизија по 12 април. И за сите кои невнимателно се однесуваат со државниот имот ќе има санкции и одговорност, истакна тој.