Треба да се продолжи со изнаоѓањето заеднички прифатливи решенија, засновани врз научни истражувања и во духот на меѓусебното разбирање, вели во интервју за МИА амбасадорот на Франција во земјава Кристиан Тимоние, додавајќи дека Скопје и Софија се согласуваат дека имаат заеднички историски и културни корени, за што сведочи и убавата иницијатива секоја година заеднички, на највисоко политичко ниво во Рим, да се чествуваат светите Кирил и Методиј.
Европа, вели Тимоние, има потреба, особено кога станува збор за Балканот, да го негува духот на комуникација преку почитување на другата страна.
– Потребно е да се смират духовите во интерес на секоја од двете држави и двата народа, но и во интерес на Европа, која мора да одговори на новите предизвици, коишто и се закануваат на нејзиниот опстанок, како и на нејзините вредности и нејзиниот просперитет, вели Тимоние коментирајќи ги оценките во јавноста за можно ново вето од Софија на евоинтегративниот пат на нашата земја.
Тој потсети дека Франција за време на нејзиното претседателство со Комитетот на министри при Советот на Европа, во ноември 2019 година, предложи да се основа опсерваторија за настава по историја во Европа, за да може историјата да се вреднува како заедничко наследство на помирениот европски континент.
– Франција го финансираше почетокот на овој проект кој треба да се заснова на неутрален и објективен пристап, преку разбирање на различните претстави на историјата и фактот дека не треба да се дозволи стереотипите или манипулациите да им се спротивстават на општите аспирации на европските народи заеднички да испишат ново историско поглавје, подвлекува амбасадорот Тимоние.
Тој е дециден дека реализација на членството во ЕУ како стратешко прашање не може да се постигне без забележителен напредок во областа на владеењето на правото, како и во поглед на економско и социјално приближување што бара удвојување на напорите на политичките раководства во регионот.
Во врска со официјалниот старт на преговорите на Македонија со ЕУ и дали првата меѓувладина конференција ќе се случи за време на Германското претседателство во втората половина од годинава, францускиот амасадор вели дека секогаш треба да се поставуваат амбициозни цели, а уште повеќе во време на предизвици без преседан во минатото.
– Важноста на околностите треба да ги охрабри сите чинители да ги удвојат своите напори и да работат на отстранување на пречките, доколку ги има. Се чини дека комесарот Вархеји е сигурен во шансите за успех: затоа треба сите да го поддржат. Важно е да се постигне почетна динамика со компетентни македонски тимови, поддржани од функционална влада, мотивирана и силна во својот легитимитет што ќе го добие на нови избори, вели Тимоние во интервју за МИА.