Македонија 08. ноември 2020. / 15:13

Телефонски разговор на премиерите Заев и Борисов

Телефонски разговор на премиерите Заев и Борисов

Прес службата на Владата информира дека премиерот Зоран Заев денеска остварил телефонски разговор со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Заев на својот колега најпрво му посакал добро здравје и брзо опоравување од коронавирусот, на што Борисов информираше дека се чувствува многу подобро и дека здравствената состојба му е стабилна.

-Во телефонскиот разговор премиерите Заев и Борисов разменија информации околу подготовките за претстојниот самит во Софија во рамки на Берлинскиот процес и договорија уште еден телефонски разговор за утрешниот ден на кој ќе биде донесена одлука дали состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во рамки на Самитот во вторник ќе се одржи со физичко присуство во Софија или целосно онлајн, се вели во соопштението испратено од Владата.

Премиерите Заев и Борисов изразиле меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции.