Само еден ден откако министерот за здравство Венко Филипче го промовираше проектот за централизирање на медицинските лаборатории, со реакција се јави неговиот претходник Арбен Таравари.
Како што вели тој, ваквиот проект ќе ги потикне пациентите за анализи да се упатуваат кон приватните лаборатории, пренесува ТВ21.
Таравари, кој пред да стане градоначалник на Гостивар, беше министер за здравство, смета дека Македонија не е подготвена и нема лаборатории, кои би можеле да се соочат со големиот наплив на анализи.
„На пример во Полошкиот регион има само во Тетово. Сите граѓани од општините од Полошкиот регион, крвта што се собира во државните болници, треба да се испрати во Тетово и таму ќе се соберат многу резултати, од сите центри, од сите матични лекари. Навистина ќе настане хаос“, вели Таравари.
Според Таравари, актуелниот министер, Венко Филиче за шест месеци ќе се повлече од овој план.
„Да кажеш дека во Македонија ќе се централизира контролата на лабораториите во 8 центри, е бесмислено. Мислам дека е скандал, ова да го каже еден министер за здравство. Како и да е, се надевам дека ќе го сменат ставот и ќе се повлечат од ова. Не знам земја во светот, нека ми каже една земја во светот каде има централизирани лаборатории“, порача Таравари.
Таравари додава дека централизираните лаборатории можат да функционираат добро само за ретките анализи. За новиот систем на функционирање на лабораториите, вчера информираше министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, со оваа метода државата би имала заштеда од неколку милиони евра од реагенсите кои се фрлаат како неискористени.
Поддршка за ваквиот модел добивме од Светската банка, вели Филипче, со која Македонија соработува за подобрување на здравствената заштита. Според новиот проект на министерството, биолошките анализи би се испраќале во 8 лабораториски центри, кои би се наоѓање во најголемите градови во земјата. Потоа, тие преку електронски систем ќе им ги префрлаат на матичните лекари. Се очекува две вакви лаборатории да се отворат во Скопје, а по еден во Тетово, Битола, Штип, Охрид, Струмица и Куманово.