Македонија 26. октомври 2018. / 14:29

Талат Џафери бара од претседателот Иванов да го деблокира законот за јазиците

Талат Џафери бара од претседателот Иванов да го деблокира законот за јазиците

Претседателот на Собранието, по се изгледа не се откажува од Тиранската Платформа. Талат Џафери вели дека Ѓорге Иванов нема да може повторно да одбие да го потпише указот за Законот за употребата на јазиците и нема право да ја оценува неговата уставност.

Дел од Тиранската Платформа е токму Законот за употреба на јазиците кој предвидува официјализирање и целосно изедначување на Албанскиот со Македонскиот јазик.

Мислењето на општеството и експертите во однос на законот за јазици, според Талат Џафери не е многу важно, оти, како што посочи институциите се тие кои ќе ја завршат работата доколку има проблеми со неговата имплементација.

Според невладините организации, кои спроведоа истражување на јавното мислење од 7 до 10 мај годинава врз 669 испитаници, предлог законот треба да се врати во претходна постапка. Голем дел од граѓаните сметаат пред донесување на законот треба да има попис на населението.

Според предлог законот за употреба на јазиците, покрај македонскиот јазик кој е службен на целата територија на Република Македонија, службен јазик е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, односно албанскиот. Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик покрај македонскиот јазик ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.