Македонија 15. ноември 2018. / 14:28

Стоилковски: Одговорноста за бегството на Груевски е во власта

Стоилковски: Одговорноста за бегството на Груевски е во власта

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција кажа дека за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, најголема одговорност имаат премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај аболицираниот криминалец Зоран Заев и кај неговиот одговорен министер за прогон и терор, Оливер Спасовски. Со овој случај, и со менаџирањето на политичкиот прогон, Заев и Спасовски го допреа дното. Двајцата мора да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирање на институциите и разорувањето на Република Македонија. Заев и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски мора да престанат да ја лажат јавноста. Тие во рацете ја држат целата безбедност и во такви услови велат дека не знаеле за движењето на Никола Груевски? Груевски е човекот против кого и со години тие водеа политичка хајка, фрлаа со дрва и камења и го третираа и го третираат како државен непријател број еден и сега сакаат да кажат дека не знаеле каде бил, каде се движел, на кој начин им избегал?Го злоупотребуваат бегството, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ. Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица кои редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели. – вели тој.

Стоилковски обвинува дека оваа власт го донесе најцрното време на Република Македонија, црно време во кое се монтираат случаи од киднапирани институции.

-Криминогената хунта ја киднапира држава, го одзеде достоинството на граѓаните, менува име, Устав, идентитет менуваат. Ја претворија Република Македонија во држава на нерасчистени убиства, економска девастација, комплетна партизација, корупциски скандали и недопирливи функционери. Политичката хајка организирана од Заев и Спасовски не е само прогон против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е прогон против критичката мисла, напад врз слободата. А, ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе остане да биде последниот бастион на слободата и на критичката мисла. Тврдина на народот кој што ја сака оваа земја. Разорувањето на Македонија мора да сопре. Спасовски и Заев го допреа дното. Колку повеќе притискате толку повеќе губите, а ќе паднете, ќе паднете многу брзо. – порача тој.