Утре претпладне на вонредна седница, словенечкиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за членство на Македонија НАТО, во рамки на која ќе се обрати и македонскиот претседател на Собранието Талат Џафери, кој ќе престојува во посета на Словенија.
– Ние се подготвивме обраќањето на претседателот на Собранието Џафери да биде во вторник претпладне, и тоа да биде во рамки на вонредна седница на словенечкиот Парламент, на која Словенија ќе го ратификува пристапниот протокол во НАТО на Македонија, под претпоставка ратификацијата прво да се случи во грчкиот Парламент. Мислам дека можеме да бидеме оптимисти, се што досега беше планирано во последните две години за влез на Македониј во НАТО, се оствари, иако во даден момент тоа делуваше како премногу оптимистички, изјави минатата недела словенечкиот амбасадор во нашата земја, Милан Јазбец.
Комисијата за закони на албанскиот Парламент едногласно го одобри протоколот кој го отвора патот за ратификација на Протоколот, а гласањето на пленарна седница во законодавниот дом во Тирана ќе биде во четврток, кога исто така се очекува без проблеми да се изгласа едногласно приемот на Македонија како нова членка на НАТО.
Минатиот петок грчкиот Парламент го ратификуваше протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО два дена по свеченоста во седиштето на сојузот во Брисел.