Монахињата на МПЦ, Сара, со родено презиме Еленова е еден од основачите на најновата компанија со лиценца за производство на марихуана, нејзин бизнис партнер е адвокатот на премиерот Зоран Заев, Ване Андреев од Струмица- открива Лидер.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Според нашите извори монахињата важи за личност која е исклучително блиска со владиката од Струмица на МПЦ, господин Наум. Всушност, таа и е монахиња во манастир под негова контрола. Сара важела и за личен асистент на Наум.
-Ова значи дека Заев преку својот адвокат и владиката Наум преку својата монахиња влегуваат во заеднички бизнис. Тоа нормално, не е по прв пат. – вели нашиот извор кој доаѓа од Македонската Православна Црква и веќе подолго време е во конфликт со владиката Наум.
Вчера, Економски Лидер објави дека уште една компанија за производство на марихуана добива семејниот картел на премиерот Зоран Заев. Деновиве, беше формирана нова компанија, со назив „Канабис ОНЕ Доо Струмица“, во која како еден од сопствениците се јавува лице, тесно поврзано со премиерот Зоран Заев.
Сопственици на компанијата се Ване Андреев (адвокат на премиерот Зоран Заев), компанијата „Летерс ДОО – Ресен“, Зоран Јанев, Крис Алмн од САД, Славчо Васков – Пинда (кикбоксер од Струмица), како и монахињата Сара Еленова, која потекнува од Кавадарци, но беше во манастирот на Наум.
Според тврдењата на извор на Лидер кој е дел од блиското опкружување на семејството на премиерот, името на Андреев е тука само за да се скрие дека позади фирмата стои токму семејството на премиерот.
До сега, Заеви се сопственици на една од седумте лиценци за одгледување на канабис, преку компанијата „МАМ“, која е во сопственост на Трајче Заев а дел од управните структури е и Вице Заев.
„Канабис ОНЕ Доо Струмица“ е втора компанија која се поврзува со нив, што значи, Заеви контролираат две од осумте компании лиценцирани компании за одгледување на марихуана и контролираат 25% од вкупно сите компании во земјата кои се бават со оваа дејност.
Владиката Наум, долгогодишен партнер на Заеви
Ова не е прво партнерство на владиката Наум со семејството на премиерот Зоран Заев.
-Едно евро за Вицето, едно евро за црквата однеси во менувачницата на Вицето. – со овие зборови сегашниот премиер, како градоначалник на Струмица, бараше мито од струмички бизнисмен за да му легализира земјиште. Бизнисменот, преку посебни истражни мерки го сними барањето на мито.
Парите за црквата, всушност би завршиле во епархијата на Наум, што покажува долгогодишно партнерство помеѓу премиерот и владиката.

Црквата влегува во бизнисот со марихуана
Одгледување на марихуана за медицински цели е прилично ликвиден бизнис со огромна заработка. За едно инвестирано евро, се враќаат десет. Очигледно, и МПЦ преку својата монахиња влегува во овој бизнис, но, читателите сами нека проценат дали е етички православната црква да влегува во овој бизнис.
Семејството на премиерот Заев, преку компанијата МАМ веќе е влезено во бизнисот. МАМ е во сопственост на Трајче Заев, но дел од управувачките структури е Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев.
Премиерот пак, во едно свое интервју се пофали за профитот кој на неговото семејство му го носи овој бизнис.
-Имаме лиценца дадено за медицинско масло од марихуана со 300 вработени засега, со над 100 милиони евра вкупен приход кој што го остварува, рече денес Заев.