Македонија 05. јануари 2019. / 14:22

Шекеринска: Протоколот за НАТО ќе биде готов веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор

Шекеринска: Протоколот за НАТО ќе биде готов веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор

Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Очекуваме дека нашиот дел од обврските ќе ги спроведеме навреме согласно плановите и оти истото ќе го направи и Грција, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

-Чекорите во врска со имплементацијата на Договорот од Преспа како и потпишувањето на протоколот за НАТО беа разговарани со претставници на НАТО. Чекорите беа дефинирани во Договорот од Преспа, но беа дефинирани и секојпат кога дискутиравме со НАТО официјалните лица но и со Грција. За да може се ратификува протоколот на НАТО, тој протокол мора НАТО да го подготви. Сите претставници на НАТО, почнувајќи од генералниот секртар од самиот почеток на овој процес ја испратија пораката дека протоколот ќе биде подготвен во моментот кога преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Ние очекуваме дека нашиот дел од обврските навреме согласно планови ќе ги спроведеме. Очекуваме дека истото ќе го направи и Грција, рече Шекеринска на новинарско прашање по посетата на Караулата на АРМ Богородица на јужната граница.

Според неа, тоа практично значи дека зборуваме за неколку недели и очекува дека веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент многу брзо ќе биде изготвен НАТО протоколот и веднаш ќе биде ставен на дневен ред на грчкиот Парламент.

-Тоа значи дека практично од февруари Македонија ќе ја исполни својата стратешка цел. Ќе седнеме на масата на која се носат најважните одлуки што се однесуваат и на нашиот регион и на мирот и стабилноста во светот.  Затоа и 2019 година е толку важна година затоа е важно и она што се сработи минатата година. Долги години зборуваме за НАТО, долги години велиме дека безбедноста на Македонија ќе биде многупати зголемена со нашето членство. Сега е моментот тоа што сме го зборувале да го реализираме, порача Шекеринска.

Министерката при посетата изјави и дека состојбата на јужната граница е стабилна, а припадниците на АРМ ги извршуват своите задачи овозможувајќи им на граѓаните во овие празнични денови да бидат мирни и спокојни и да не ставуваат од опасност по безбедноста и стабилноста на државата.

-Денеска сме во посета на армиските припадници што се распоредени на нашата јужната граница со Грција. Ме информираа околу состојбите на границата која е стабилна, меѓутоа постојаното присуство на АРМ со поддршка на операциите на МВР покажува дека е ова проблем кој Македонија не смее да го занемари. Само во оваа година припадниците на АРМ успеаја да спречат повеќе од 500 нелегални преминувања на границата, а во петходната година кога притисокот врз границата беше и поголем таа бројка беше неколкукратно поголема, изјави Шекеринска.

Таа им се заблагодари на припадниците на АРМ кои во овие празнични денови ги извршуваат своите задачи и овозможуват на сите граѓани да спијат мирно и да не стравуваат од оваа опасност по безбедноста и стабилноста на државата.

За време на посетата Шекеринска додаде дека е дискутирано за тоа кој систем да се подобри, на кој начин да се зголеми соработката помеѓу различните институции и на кој начин да се подобри опремата со која располага АРМ.

-Владата покажа дека ваквиот несебичен и сериозен однос на припадниците на АРМ знае да го награди. Минатата година платите на припадниците на АРМ беа зголемени 10 проценти, а годинава ќе бидат зголемени за дополнителни пет проценти, што значи дека првпат имаме две години по ред зголемување на платите. На крајот на минатата година завршивме два многу важни процеса – обезбедување чизми и униформи за припадниците на АРМ, но нашата цел е поставена многу повисока. Дискутираме за вистинска опрема и за модерни начини не само за чување на границата, туку на работење на Армијата и на тој начин ќе и овозможме на АРМ да биде подобра, на тој начин ќе се оддолжиме на нивната служба и на нивниот несебична работа за обезбедување на својата државата, изјави министерката за одбрана.

Припадниците на АРМ се распоредени на нашата јужна граница од летото 2015 година, како мерка за зајакнато обезбедување на границата од нелегалниот мигрантски бран, а во помош и поддршка на Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.