Владата покажа дека не ги поткрева нереално очекувањата и дека она што ќе го најави го завршува целосно. Имаме брз процес на ратификации на протоколот за членство во НАТО, завршен во 17 земји членки, што е политичка порака дека оваа држава се извади од калта, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска гостуваше во емисијата „Патот кон“, во рамки на серијата јавни настапи „Две години Влада – Одговорно пред граѓаните“. Во емисијата гостуваа и министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Владата, како што рече, не направи ниту една грешка и не им даде аргумент на скептиците да бараат оправдување за одложување на почетокот на преговори со ЕУ. За ова прашање за Република Северна Македонија, како што посочи, има консензус.
– И во областите во кои добиваме критики имаме сериозни резултати. 4,1 отсто пораст на БДП не сме имале долго време, 630 милиони евра инвестиции не сме имале никогаш порано, 6 отсто покачување на платите и 50.000 нови работни места. – рече Шекеринска.