Министерката за одбрана Радмила Шекеринска преку видео врска разговараше со ново именуваната министерка за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац.
Честитајќи и на црногорската колешка за министерската функција и за изборот на новата влада, министерката Шекеринска ја подвлече важноста на соработката во регионот на полето на одбраната и кохезивната улога на НАТО каде што двете земји се од скоро членки.
„Северна Македонија и Црна Гора се пример за успешна соработка во одбраната и во едукацијата на персоналот и јакнење на одбранбените капацитети. Поддршката што ја добивме од Подгорица за нашиот влез во Алијансата беше поддршка за стабилизација на целиот регион. Вашите искуства од пристапувањето во НАТО се наш патоказ во процесот на интегрирањето во системот на НАТО за што сме ви благодарни“, истакна Шекеринска.
Министерката посочи дека приемот и функционирањето на нашата земја и на Црна Гора во НАТО се показател дека во Алијансата нема големи и мали туку е тоа семејство на еднакви држави, со еднаков глас и еднаква одговорност. Во таа смисла Шекеринска подвлече дека Македонија го развива својот Регионален центар за односи со јавност да прерасне во центар за справување со дезинформации и лажни вести, со што НАТО и регионот ќе добијат дополнителен капацитет за борбата против влијанијата кои сакаат да ги поткопаат стабилноста и интегритетот на Западен Балкан.
На видео средбата стана збор за размена на учество на вежбите идната година во Северна Македонија и во Црна Гора, за што министерката Шекеринска ја истакна важноста на воениот полигон Криволак и инвестициите што Министерството за одбрана и Армијата ги вложуваат за развој на инфраструктурата на полигонот и зголемувањето на неговите капацитети.
Црногорската министерка Оливера Ињац го поздрави членството на нашата земја во НАТО и истакна дека одличната одбранбена соработка меѓу двете земји ќе добие на интензитет и дека меѓусебната поддршка ќе продолжи и во Алијансата.