Македонија 09. септември 2018. / 16:33

Шекеринска ги повика граѓаните да излезат на референдум

Шекеринска ги повика граѓаните да излезат на референдум

Граѓаните на Република Македонија 27 години по првиот референдум ќе имаат шанса да ја искористат историската можност и да отворат врата Македонија да стане дел од најмоќните и најпростепритетни семејства во светот, изјави денеска во Струга министерката за одбрана Радмила Шекеринска каде вечерва ќе има трибина на која ќе ги информира граѓаните за придобивките од членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Шекеринска во изјавата за медиумите посочи дека се работи за шанса што нема да се пружи вторпат, прилика што ќе им овозможи на младите да растат рамо до рамо со еднакви шанси како нивните европски врсници.

– Тоа е шанса да направат за својата држава, да направат можности и на економски и на политички план, да живеат во држава во која ќе имаат шанси за повеќе образование, образование не само во Македонија туку и во Европа, подобро здравство, повеќе работни места, меѓутоа и подобро платени работни места, рече таа посочувајќи ги примерите од соседството, како Бугарија, Романија, Црна Гора.

Кога ќе се видат примерите од соседството, како што рече, се станува јасно, дека во Бугарија неколкукратно е намалена невработеноста, во Романија тројно се зголемени платите, Црна Гора само за првите шест месеци на оваа година има дваипол пати повеќе странски инвестиции отколку кога не беше членка на НАТО.

– Ова се шанси кои стојат пред младите на РМ и убедена сум дека тие ќе ги искористат. Но, ова е обврска на нас повозрасните да направиме се да не ги оставиме старите проблеми на нашите деца. Да им дадеме шанса на нашите деца, нашите внуци да живеат во подобра држава која ќе биде дел од европското семејство, тие дилеми, тие прашања ќе ги решаваме на 30 септември, истакна министерката Шекеринска.

Средбата со граѓаните на Струга е предвидена за од 18 часот пред платото на Дом на културата “Браќа Миладиновци“ на Кејот на реката Црн Дрим.