Македонија 05. октомври 2020. / 23:30

Се реконструира штипската филтер станица

Се реконструира штипската филтер станица

Поголем дел од градот Штип, а пред се повисоките зони ќе немаат вода во среда, најави на денешната прес-конференција директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев.

Причина за прекинот ќе биде крупен зафат на ЈП ,,Исар” во рамки на започнатите активности за реализација на втората фаза на проектот рехабилитација на Филтер-станицата. Тасев појаснува дека штипјани се информираат неколку дена пред прекинот, бидејќи на социјалните мрежи минатата недела се појавија низа на шпекулации и лажни вести.

Прекинот ќе започне од раните утрински часови, фирмата којашто работи на реконструкцијата на Филтер станицата ќе го поставува мерачот за проток на вода од цевководот на Хидросистемот „Злетовица“. Се проценува дека оваа интервенција ќе се одвива неколку часа. По завршувањето ќе следи период на постепено пристигнување на водата до домаќинствата, вели Тасев.

Штипската Филтер станица се реконструира со цел да ја прими водата од ХС „Злетовица“, планирано е градежните работи да траат околу една година, а Владата од буџетот за овој проект издвои 4,5 милиони евра. Штип со оваа реконструкција ќе добие вода за пиење од „Злетовица“, а од неа се очекува да се испорачуваат 300 литри во секунда низ водоводната мрежа и да има современа филтрација, преработка на водата за пиење. Во функција ќе биде и бунарскиот систем, кој ќе се вклучува доколку има проблеми со дотокот на вода од „Злетовица“, со што Штип ќе биде еден од ретките градови, кој ќе нема проблеми со нормално водоснабдување во било кој период од годината.