Прилеп наесен треба да го добие нов мост по речиси 50 години. Станува збор за мостот што се гради во индустрискиот дел на градот што ќе биде долг речиси 30 метри, а широк 22 метри. Овој проект чини 574.000 евра.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски работите за темелна изградба и реконструкција на мостот почнале пред повеќе од осум месеци со изработката на основниот проект. Но, работите запреа, проектот се надополнуваше зашто се појавиле проблем со подземните води.
Работите почнаа пред речиси девет месеци. Направена е јавна набавка за изготвување основен проект за доградба и реконструкција на мостот. На тој јавен оглас избрана е фирмата „Еуророуд“ за да го направи основниот проект. За изведувач е избрана фирмата „Стентон градба“ од Битола. Но со самиот почеток на изведбата, со темелеењето на мостот, се појави многу вода, па работите се стопираа за да се дополни проектот. Првичните стопи се заменети со таканаречени колови. Затоа, беше задолжен проектанот да направи нов основен проект. Сега се работи на втемелувањето со подоброениот проект – објаснува Јованоски.
Во должината од двете страни, мостот ќе добие уште по три метри за соодветно поврзување со коловозот, па во суштина, мостот ќе биде долг 30-ина метри. Ќе има четири коловозни ленти, секоја со широчина од по 3,5 метри и со по пешачка патека од по 2,5 метри од двете страни како и велосипедска патека од 1,5 метри од двете страни.
Мостот треба да биде готов за околу пет месеца, а чини 35 милиона денари или 574 000 евра од буџетот на Општината – изјави Јованоски.
Тоде Јовески, задолжен за надзорот објаснува дека сега се работи на најтешкиот дел од изградбата која ќе трае еден месец, за потоа да следуваат поедноставните градежни работи.
Сега, моментално, се врши фундирањена објектот, што е напроблематиќна фаза за сите мостови. Другите градежни работи се поедноставни и тогаш работата ќе се одвива побрзо. Ова фундирање ќе трае околу еден месец и се рабти во две фази за целосно да не биде запрен сообраќајот. Но, ако има проблеми, ќе се стопира. Овој мост е проектиран и димензиониран според најсовремените европски стандарди и прописи – вели Јовески.