Додека сите се борат со последиците од коронавирусот, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се борат да објават што повеќе лажни вести и за таквото однесување ќе бидат жестоко казнети од граѓаните, велат од СДСМ во утринското соопштение испратено до медиумите.
– ВМРО-ДПМНЕ на секој начин очајно се обидува сопствената неодговорност да ја маскира со лажни вести, со пласирање лажни информации и поделба на народот, додека Христијан Мицкоски бесрамно ги крши протоколите и мерките, велат од партијата.
По ова, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде пак ја обвинија СДСМ дека не направила ништо за граѓаните и дека бројките од изминатата недела го докажале тоа.
– Неспособноста на СДСМ и Филипче се согледа „Форбс, ја објави листата на 100 најбезбедни земји во светот во однос на корона вирусот, а Македонија воопшто не е на листата. За разлика од нас повисоко на оваа листа, како побезбедни се оценети сите земји од регионот, Грција, Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата додаваат дека СДСМ единствено се грижи за политичката кариера на Зоран Заев. СДСМ бара избори во ек на пандемија без да размислува за здравјето на граѓаните.