Неодобрувањето на преговарачката рамка за Македонија од страна на Бугарија е на штета на осовните принципи и вредности на кои почива Европската Унија, велат од владејачката СДСМ во соопштение до јавноста испратено утрово.
Со таквиот потег, велат, Бугарија застана на патот на нашата европска интеграција за која претходно, во повеќе наврати, институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
-Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија. Македонскиот национален идентитет не беше, не е и во ниту еден случај нема да биде предмет на преговори и разговори, се вели во соопштението.
Според СДСМ, македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на нашиот македонскиот идентитет.
–Ветото од Бугарија нема да не обесхрабри, нема да дозволиме застој на внатрешните реформи што се за доброто на нашите граѓани и нашата држава. Напротив, Владата, државните инстуции, ќе го засилат темпото и ќе ја зголемат предноста во реформи што Северна Македонија ја има во однос на државите од регионот. Владата предводена од СДСМ останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ.Европските стандарди ги носиме дома. За нас, како и за огромното мнозинство граѓани нема нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ. Нашата, македонска иднина е европска, се вели во дописот.