СДСМ ја одложи утрешната седницата на Извршниот одбор, на која требаше да се расправа за можноста, заедно со претседателските, да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Официјално, причина за одложувањето е отсуството на некои министри од државата, но неофицијално, партијата се уште нема изградено заеднички став за ова, но и за другите клучни прашања, пишува Либертас.
СДСМ се уште ги крие кандидатите, за кои финалната одлука треба да ја донесат делегатите на конгресот на трети март. Досега во јавноста се спомуваа имињата на Радмила Шеќеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски и Оливер Спасовски, но можно е и таму да има изненадување. Се уште е можна и кандидатурата на премиерот Зоран Заев, доколку се процени дека тоа е причина за поголема излезност на изборите, и покрај неговиот јавно соопштен став дека не планира да учествува во претседателската трка.
ДУИ се уште се двоумат дали да излезат со свој кандидат, дали да го поддржат кандидатот на СДСМ или пак некој заеднички кандидат со останатите партии од албанскиот блок.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера соопштија дека до партијата до сега стигнале осум кандидатури, но рекоа дека нивниот број би можел да биде поголем доколку има испратени кандидатури по пошта па конечниот број и имињата најавија дека ќе ги соопштат до вторник.