Додека продолжуваат средби меѓу СДСМ и ДУИ за формирање Влада на ниво на генерални секретари, од таму се огласија дека во моментов се преговара, за како што велат, поставување чесни кадри на функција, без да се спомене дали станува збор и за „премиер Албанец“.
Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе ја реализираат програмата во целост за време на полн четиригодишен мандат. Партиските органи, партиските секретари и портпароли веднаш ќе ја известат јавноста за сите нови моменти во преговорите и ги замолуваат јавноста и медиумите да не ги земаат предвид шпекулациите. Учесниците во преговорите се свесни и во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор, се вели во соопштението од СДСМ.
Во моментов освен штури соопштенија, тешко може да се дознае нешто повеќе за преговорите за составување на Влада, а до сега СДСМ и ДУИ ги демантираа речиси сите гласини кои ги пренесоа медиумите.