Македонија 26. јули 2019. / 11:35

Рикер ја истакна силната поддршка на САД за остварувањето на стратешките цели на Македонија

Рикер ја истакна силната поддршка на САД за остварувањето на стратешките цели на Македонија

Филип Рикер, на средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Скопје, посочи дека Македонија и САД отпочнуваат нова етапа во меѓусебните односи и соработка како сојузници во Алијансата.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, тој ја нагласил неопходноста од продолжување на реформите во насока на зајакнување на севкупниот капацитет на земјата, вклучително и во доменот на правосудството и борбата против корупцијата.

Рикер ја реафирмирал силната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на Македонија – полноправното членство во НАТО и ЕУ, и вчерашната поддршка на Комитетот за надворешни работи во Сенатот е уште една потврда за тоа.

Димитров рече дека посетата на Рикер се случува во многу важно време за земјата и само еден ден по вчерашнато усвојување на Пристапниот протокол за членство на нашата држава во НАТО од страна на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.

Поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Северна Македонија беше и останува суштинска за постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на земјата и на регионот – истакна Димитров.

Соговорниците ги оцениле билатералните односи како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешко партнерство и соработка во повеќе значајни области. Беше искажан заемен интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка.