Македонија 12. март 2020. / 17:22

Резултатите на сите денеска тестирани лица се негативни на корона вирус

Резултатите на сите денеска тестирани лица се негативни на корона вирус

Министерството за здравство информираше дека резултатите на сите кои денеска се тестирале за заразеност со корона вирус се негативни.

Претпладнево за корона вирус било тестирано едно лице кое на 7 март пристигнало во земјава од Германија, како и осум лица поврзани со првата заболена пациентка од Скопје – сопатници и блиски контакти, кои во изминатите две недели беа во домашна изолација.

Утре ќе бидат тестирани и патниците кои исто така поминаа 14 дена во домашна изолација, а пристигнаа со првата заболена пациентка.

Бројката на заболени со корона вирусот вчера се искачи на 9.

-Од деветте пациенти на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, шест се во стабилна состојба. Кај тројца од нив има лесно влошување на состојбата, што значи дека имаат нешто поотежнато дишење, се уште не е потребна респираторна поддршка, меѓутоа се интензивира терапијата. Тројцата пациенти се во повозрасна категорија – сите тројца се над 65/66 години, изјави претпладнево на редовна прес-конференција позврзана со корна вирусот министерот за здравство Венко Филипче.

Најновите владини мерки за спречување на ширењето на корона вирусот што ги соопшти министерот за здравство се: Забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на обемот и бројката на учесници, концерти, кина, театри, спортски сали, теретани. Кафулињата и рестораните да работат со скратено работно време до 18 часот, а притоа капацитетот внатре да биде преполовен, односно да се задржи дистанцата од метар ипол до два меѓу луѓето што престојуваат таму.

Попладнево на Седница на Владата ќе бидат дискутирани мерките кои ги препорача Министерството за здравство по состанокот со Комисијата за заразни болести и Комисијата за следење и информирање за корона вирусот. За заклучоците, Владата и Министерството за здравство ќе информираат по завршување на Седницата.