Македонија 17. мај 2020. / 10:05

Регионот се подготвува за отворање на границите за слободно движење

Регионот се подготвува за отворање на границите за слободно движење

Отворањето на границите за слободно движење и за туризам меѓу земјите од регионот станува сè повеќе можно. Следната недела ќе биде изготвен протоколот со кој ќе се дефинираат правилата за отворање на границите и слободно движење меѓу соседните земји, најави министерот за здравство, Венко Филипче по средба со неговиот колега Василис Кикилиас во Атина.

-Овие протоколи ќе бидат дискутирани со другите соседни земји, со цел да имаат унифициран пристап и услуги во регионот. По поднесувањето на протоколите, ќе очекуваме одговор од другите држави, наведе тој.

Двајцата министри се согласиле дека е неопходно да се обезбеди брз проток на границите, кои се крајно оптоварени во текот на летото и да се обезбеди лесен пристап до здравствените услуги на граѓаните доколку се заразат со корона вирусот за време на престојот во Грција и во Македонија.

Додека институциите во Македонија се повоздржани околу можниот датум за отворање на границата, премиерот на Албанија, Еди Рама, најави нивно отворање во текот на мај.

-Ние сакаме да се држиме до целта, за да можеме во мај да ги отвориме сите патишта за Албанците, на Албанија, Косово и за сите Албанци каде и да живеат, како и во функција на туризмот, изјави Рама.

На 17 март, Владата на Македонија донесе решение за затворање на копнените и воздушните граници, како мерка на претпазливост против ширењето на корона вирусот.