Претседателот на Собранието Талат Џафери, останува на ставот дека распуштено Собрание не може да се враќа назад и оти со тој чекор мандатот го враќаат кај граѓаните.
Ова би значело дека Собранието нема да се собира повторно ако до неговото распуштање не се ратификува Протоколот за членство во НАТО. Но, тоа нема да биде никаков проблем протоколот да се ратификува и во следниот парламентарен состав, вели Џафери, бидејќи за членството на НАТО постои партиски консензус.
– По распуштањето Собранието може да се собере само во вонредни околности, потсетува Џафери.
Спикерот во Собранието изрази надеж дека Шпанија во текот на јануари ќе го ратификува Протоколот за наше членство во НАТО.
Собранието треба да се распушти на 11 февруари на 60 дена пред изборите на 12 април. Сепак, Џафери се надева дека дотогаш Шпанија како последна земја ќе успее во нивниот Парламент да го усвои Протоколот за да има време тоа да го стори и нашиот.