Бугарија треба да даде согласност за почеток на преговорите на Македонија кога ќе се признаат објективните историски факти и кога процесот на искоренување на јазикот на омраза ќе биде стабилен и неповратен, порачува бугарскиот претседател, Румен Радев.
Радев во денешната изјава вели дека Владата со години испорачува ветувања за безусловна поддршка на Македонија.
-Резултатот го гледаме денес. Владата доцна се сети дека треба да го штити националниот интерес. Би била груба грешка ако премиерите Борисов и Заев одглумат ‘некаков театар‘ и потпишат една посакувана декларација, каков што е Договорот од 2017 година без јасни критериуми, без механизми за верификација и без оценка на исполнувањето, изјавил Радев.
Како што пренесува БГНЕС, бугарскиот претседател повторува дека имаат „најголема желба пријателите од РС Македонија да ја добијат својата европска перспектива и поради тоа сега треба да почекаме да се смират страстите“.
–Треба да се вооружиме со трпение за еден отворен, мирен разговор, да ги видиме јасно позициите на двете страни и да не истрчуваме со брзи одлуки, како имитација на триумф.
Додека зад таа фасада продолжуваат проблемите на титовиот режим и неговата идеологија, Бугарија, откако не успеа да ги вклучи нашите барања во преговарачката рамка, треба да даде согласност за почеток на преговорите, дури откако ќе се признаат објективните историски факти и кога процесот на искоренување на јазикот на омразата и на искоренување на злоупотребата на нашиот идентитет и суверенитет ќе стане стабилен и неповратен, додава Радев.
Во спротивно, како што вели, ќе внесувале проблеми во ЕУ.