Македонија 04. јануари 2021. / 19:47

Првите 5850 вакцини ќе стигнат во февруари, се чека датум и за 833-те илјади дози преку Ковакс

Првите 5850 вакцини ќе стигнат во февруари, се чека датум и за 833-те илјади дози преку Ковакс

Првите 5850 дози вакцини од „Фајзер“ ќе ги има во февруари, во март треба да стигнат уште 17 550 и најмалку уште толку во април, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека се чека датум кога ќе стигнат и 833-те илјади дози преку Ковакс-механизмот, а покрај Бугарија, Полска и Грција, и Австрија е подготвена да одвои за нашата земја од вакцините набавени за нејзините граѓани, преку третиот – солидарен механизам на земјите од ЕУ кои отстапуваат вакцини за земјите кои се надвор од Унијата.

Филипче рече дека први ќе се вакцинираат здравствените работници, повозрасните лица и хроничните болни, а потоа сите граѓани и дека вакцината за сите ќе биде бесплатна.

За да се надминат сомнежите кон вакцините, рече, се планира сериозна кампања преку националните медиуми и со нивна поддршка верува дека ќе се подигне јавната свест, а дека и СЗО размислува за некој вид сертификат за примена вакцина.

Во врска со „ивермектин“, кој некои граѓани го набавуваат од Грција, рече дека не е магичен лек, кај нас ќе се употребува кога ќе завршат административните процедури во Агенција за лекови и апелираше никој да не го купува, ниту да го зема на своја рака, туку само по индикација на лекарите зашто болеста КОВИД-19 е непредвидлива и има различни форми.

Ситуацијата со заразата во земјава се подобрува, но се уште е рано, рече министерот, дека таа дефиннитивно спласнува. Трендот на помалку заразени се должи на почитување на мерките за што придонеле самите граѓани – затворените угостителски објекти, носењето заштитни маски и избеганатите големи собири.

– Но се уште е рано да кажеме дека дефинитивно епидемијата спласнува и дека треба да ги олабавиме мерките. Далеку сме од тоа. Се уште е во сила апелот да се почитуваат мерките, зашто ако го спуштиме гардот може да имаме нов пик, истакна министерот за здравство.

За плановите во 2021-ва, Филипче соопшти дека има систем на инвестиции за реновирање здравствени установи и очекува дека во оваа година, по многу години најавување, ќе има официјален почеток на изградба на Клиничкиот центар.

Со кредит од Светска банка, ќе се реновираат и опремуваат болници, меѓу кои во Струмица, Ургентениот центар во Тетово и „Св. Еразмо“ во Охрид, а посочи и дека во функција на јавното здравство во иднина ќе останат модуларните болници отворени за КОВИД-19.