Протоколот за членство на Македонија во НАТО денеска е на дневен ред на седницата на Парламентот на Естонија, а влегува во процедура и во американскиот Сенат.
Естонија ќе биде 17-та земја што ќе го ратификува Протоколот, откако тоа минатата недела го стори германскиот Бундестаг, а денеска во Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат ќе има сослушување поврзано со пристапувањето на Македонија во НАТО.
На сослушувањето во Сенатот повикани се помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер и Кетрин Вилбаргер, американски заменик помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања. Претседавачот со Комисијата, сенаторот Џејмс Риш, претходно изјави дека веднаш по сослушувањето, протоколот за влез на Македонија во НАТО ќе оди на гласање во Сенатот.
Сенаторот тогаш укажа дека најверојатно тоа ќе се случи во јуни и дека во Сенатот ќе има голема поддршка за ратификација на протоколот.
Шеснаесет од 29 земји-членки досега го официјализираа пристапувањето на Македонија во најголемиот воено-политички сојуз во светот.
Властите во земјава, но и високите претставници на Алијансата се надеваат дека целиот процес ќе заврши до декември, кога се одржува Самитот на НАТО во Лондон, кога се одбележува 70-годишнина од најголемиот воено-политички сојуз во светот.