Вториот сет економски мерки на техничката Влада наиде на поделени реакции во јавноста. За едни се поволни и навремени, а за други задоцнети и несоодвтени.
И веројатно секогаш ќе биде така, зашто не може сите да размислуваат исто, особено не во криза од светски размери.
Но, делува просто зачудувачки кога екс-премиерот и претендент за нов мандат, лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, ќе се обиде по којзнае кој пат да ја искористи и онака максимално тешка ситуација за своја самопромоција во чисто пропагандистички цели. Притоа заборавајќи дека неговата „борба на пазарот на гласови“ не може и не треба да значи и релативизирање на донесените одлуки на Владата, што колку до вчера ја предводеше.
Заев како реакција на владините мерки во прво лице еднина ќе напише, што ќе напише:
-Донесени се важни одлуки, државата ги спасува работните места на граѓаните!
Драго ми е што денеска Владата на Северна Македонија прифати и усвои голем дел од економските мерки што ги предложивме јас и економскиот тим на СДСМ, но и донесе дополнителни мерки.
Ова се сериозни чекори кои ќе значат зачувување на работните места на граѓани во фирмите погодени од кризата со коронавирусот, мерки што ќе значат гарантиран приход кај секој работник додека трае кризата.
Ова се мерки вредни 200 милиони евра, мерки на солидарност, на меѓусебно помагање во тешки ситуации, ова се мерки за помош на секое семејство, мерки за помали трошоци на секое домаќинство додека трае кризата.
Денес, сите ние поединци, целото нашето општество, нашата економија, сите сме ставени пред важен тест. Тој тест ќе го положиме само ако сме солидарни, ако си помагаме еден на друг.
Само така ќе излеземе победници од овој здравствен и економски предизвик. Сите сме заедно во оваа криза и само заедно ќе излеземе од неа. Заедно ќе ги пребродиме последиците, а потоа заедно ќе продолжиме кон развојот и напредокот.
Само здравје да има, ќе има и економски напредок, ќе има и развој.
Ако внимателно се прочита реакцијата може да се види дека не дава одговор на клучните елементи со кои ја вознемири целокупната домашна јавност. На пример, зошто имаше потреба мнизинството вработени во јавниот и државниот сектор да се извадат од памет и да се доведат во ситуација да стравуваат колкава плата ќе добијата за април и мај? На што се должи толкавата разлика во толкувањето на солидарноста и патриотизмот на неговиот партиски експертски тим и Економскиот совет на Владата? И кои експерти со покажаа сега подобри-партијските или Владините? Кому му беше потребно да се внесе огромен страв кај граѓаните околу состојбата со буџетот? Што ако граѓаните реагираа панично и се нафрлија на банките по своите заштеди колкави и да се тие? Зошто се (зло)употребија медиумите за создавање паника во целото општество? Кој сега ширел лажни вести и на што се сведуваат тие?
Кога Заев ќе даде одговори на прашањата тогаш ќе може да пружи раце по ловориките. Обично се вели дека на разбранувано море се познава добар капетан. Во првиот чин Заев се покажа како лош капетан на разбрануваното македонско море.