Македонија 27. август 2018. / 21:31

Премиерот Заев денеска се сретна со делегација на Конгресот на САД

Премиерот Заев денеска се сретна со делегација на Конгресот на САД

Премиерот, Зоран Заев денеска во Владата прими во посета делегација на конгресмени на Соединетите американски држави, предводени од нивниот колега Бил Флорес, соопшти владината прес-служба.

На средбата на која присуствувале и Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, и советниците во Кабинетот на премиерот Зоран Верушевски, Митко Андреевски и Бојан Маричиќ, конгресмените на САД изразиле, како што посочуваат од Владата, голема благодарност за можноста да се сретнат со премиерот и со претставници на Владата, а меѓудругото упатиле и честитки за постигнувањето на договорот со Грција, и оддале признание за досегашните реформски процеси.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, ги информираше американските конгресмени за околностите во кои беше постигнат договорот со Република Грција, придобивките од него, како и за подготовките за претстојниот референдум и за кампањата што му претходи, се вели во соопштението на Владата.

Во контекст на договорот со Грција, како што информираат од Владата, премиерот нагласил дека освен неговото постигнување во насока на решавање на тридеценискиот спор за името којшто ги блокираше евро-атлантските аспирации на земјата, Македонија се стекнала и со нов силен пријател и поддржувач, членка на ЕУ, Република Грција, а двете земји му покажале на регионот и на светот дека со добра волја и подготвеност не постои нерешливо прашање.

Конгресмените на средбата, додаваат од Владата покажале интерес и за други прашања од стратешко-безбедносен карактер и ја истакнале улогата и учеството на Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО, но и го потврдуваат стратешкото партнерство со САД.