Македонија 11. јуни 2018. / 11:18

Премиерот со сопругата и владина делегација на економски и политички средби во Германија

Премиерот со сопругата и владина делегација на економски и политички средби во Германија

Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев на 13-ти и 14-ти јуни ќе престојува во дводневна работна посета на Франкфурт, Германија.

Според соопштението од владината прес-служба, покрај премиерот во делегацијата е и неговата сопруга Зорица, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за здравство, финансии и економија – Венко Филипче, Драган Тевдовски и Крешник Бектеши, и директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски.

Предвидени се средби помеѓу претставници од Владата со професори и еминентни доктори од Универзитетската клиника „Јохан Волфганг Гете“, со цел зацврстување и разгледување на можности за продлабочување на соработката со оваа реномирана здравствена установа. Според соопштението, на 14-ти јуни, премиерот и министрите ќе остварат средби со претставници од Дојче банк и со раководствата на неколку успешни германски компании.

Но, во јавноста расте надежта дека зад формалната причина за посетата на Германија всушност се очекуваат важни разговори на премиерот околу финализирање на договорот со Атина. Ваквите очекувања немаат официјална потврда заради суптилноста на периодот и на процесите.

Претходно, Заев даде изјава во која истакна дека договор со Атина во спорот за името треба да се постигне до 25 јуни.