Преговорите меѓу Македонија и Грција заглавија поради различните позиции на Скопје и Атина од кога треба да почне да се употребува договореното име за севкупна употреба, или од кога треба да почне да важи фамозното грчко барање за „Ерга омнес“.
Според неофицијални информации Грција барала новото име да почне да се употребува на сите нивоа, за севкупна употреба во следните две години, додека Македонија барала принципот „Ерга омнес“ да почнува да се применува постепено, како земјата напредува во преговорите кон Европската унија, со што Грција би имала контролен механизам на различните поглавја повторно да ја блокира Македонија доколку не се исполни договореното. Сепак кабинетот на Ципрас не го прифаќал ова барање. Додека се чека решавање на застојот во преговорите, портпаролот на грчката влада порача дека топката е кај премиерот Заев.
„Нам не ни се брза, Грчката страна чека на Зaев да го направи решавачкиот чекор за да дојдеме до договор. Топката е на нивен терен. “ – изјави Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на владата на Грција.
Од македонската влада засега нема официјална информација кога би продолжиле преговорите со Грција.