Пред седиштето на НАТО се прават последните подготовки за подигнување на знамето на Македонија како 30. членка на Алијансата. Во неделата Собранието го донесе Законот за одбрана, со кој се дефинирани обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО и со него се преминува од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска образожи дека со тој закон се утврдени сите наши внатрешни механизми за практикување на членството во НАТО. Според Шекеринска, системот на колективна одбрана е најголемата видлива придобивка од членството во Алијансата. Министерката посочи дека со Законот целосно е уредено како ќе се применува членот пет од Северноатлантскиот договор, познат како сите за еден, еден за сите, член што ги обврзува членките на Алијансата да се штитат едни со други и го гарантира духот на солидарност и колективна одбрана.
Како што информира Шекеринска, пред седиштето на НАТО во Брисел се прави простор и се подигнува јарболот што го чека нашето знаме и прашање на денови е кога нашето знаме ќе стои рамноправно заедно со останатите 29 знамиња на членките на Алијансата.
Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску, на својот Твитер профил го поздрави донесувањето на Законот за одбрана во Собранието.
– Го поздравуваме донесувањето на на Законот за Одбрана во Собранието на Република Северна Македонија. Ова е важна област од реформите за државата која се подготвува да се приклучи на НАТО како полноправна членка – напиша Лунгеску на Твитер.
We welcome the passage of the Defence Law by the Parliament of North Macedonia ??. This is an important area of reform as the country prepares to join the #NATO family as a full member. pic.twitter.com/j6rQZzbbDx
— Oana Lungescu (@NATOpress) February 17, 2020