На полноќ истече рокот-политичките партии до ДИК ги доставија листите за кандидати за пратеници во Собранието на Македонија за парламентарните избори закажани за 12 април.
До полноќ кога истекуваше рокот, листи за пратеници поднеле ВМРО – ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз и БЕСА, Демократската унија за интеграции (ДУИ), Демократската партија на Албанците (ДПА), Алијансата за Албанците, Алтернатива.
Претходно кандидатски листи за предвремените парламенарни избори на 12 април доставија и Работничката партија за шест изборни единици, ГДУ за пет изборни единици, Глас за Македонија за пет изборни единици и Демократи за сите шест изборни единици.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, ги поднесе до ДИК кандидатските листи за предвремените парламентарни избори. Тој во изјава за медиумите потенцира дека тоа се победнички листи со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари една огромна, убедлива, историска победа за обнова на Македонија.
Носител листата во Изборната единица еден на оваа коалиција ќе биде професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата Изборна единица Александар Николовски, во петата Изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во Шестата Дафина Стојановска.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во своето обраќање при претставуваето на листите кажа дека 95 отсто од кандидатите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се нови лица.
Претходно во понеделникот кандидатите за пратеници ги претстави и СДСМ, која е во коалиција со Беса, а синоќа Дамјан Манчевски од СДСМ и Аријанит Хоџа од Беса ги доставија листите до ДИК.
Носител на листата на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица ќе биде актуелниот министер за надворешни работо Никола Димитров, во Втората изборна единица техничкиот премиер Оливер Спасовски во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во Изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во Шестата изборна единица ќе биде лидерот на БЕСА Билал Касами. Карактеристично за овие листи е тоа што е запазено правилото половината од кандидатите да бидат жени.
ДУИ минатата недела ги соопшти носителите на листите. Претседателот на партијата Али Ахмети ќе биде носител во Шестата изборна единица, претседателот на Парламентот Талат Џафери во Петата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во Втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми, и во Првата изборна единица носител ќе биде партискиот потпретседател, Изет Меџити.
Демократската партија на Албанците (ДПА) ќе има кандидатски листи во пет од шесте изборни единици. Носител на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица е Тачи. Во првата изборна единица носител на листата со кандидати за пратеници е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.
Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ќе биде носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во Шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица.
По поднесувањето на кандидатските листи ДИК проверува дали се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик.
ДИК исто така проверува дали предложените кандидати ги исполнуваат условите пропишани во Уставот и во член 7 став 2, 3 и 4 од Избворниот законик, преку соодветните регистри и евиденции на надлежните институции.
Овие институции се должни во рок од 24 часа електронски до ДИК да ги достават бараните податоци за кандидатите. Ова е новина за Комисијата, која се воведе со последните измени на Изборниот законик. Доколку се констатира дека листите се во согласност со одредбите од Изборниот законик, тие се потврдуваат најдоцна 48 часа од приемот на бараната документација од институциите.ДИК има пропишано и рокови за остранување на евентуални неправилности или замена на кандидати доколку тоа е потребно. Листите што ќе бидат поднесени по рокот ќе бидат отфрлени.Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Ждрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.