Македонија 07. јули 2020. / 09:40

По дебатата на МРТВ, Заев бега од ново соочување

По дебатата на МРТВ, Заев бега од ново соочување

Дебатата меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, е последното нивно директно соочување пред граѓаните. Како што соопшти самиот Заев за време на ТВ дуелот, тоа било последната дебата на која ќе учествува до изборите на 15 јули.

Ваквата одлука на Заев е доста симптоматична, особено што тој во јавноста декларативно честопати се заложувал за јавно спротивставување на ставовите меѓу политичарите. Истовремено, се поставува прашањето за причините зошто Заев сега избегнува такво телевизиско соочување.

Причина за таво нешто сигурно не е немањето интерес во јавноста, но и кај телевизиите. Информациите на „Лидер“ говорат дека партиите добиле покани за одржување на јавна дебата од Сител, Телма и ТВ 21, но таквите покани до Заев СДСМ со писмо ги одбило во текот на вчерашниот ден. Такво нешто искоментира и новинарот Бранко Героски, кој изрази неверување дека кај телевизиите нема интерес за нова дебата.

Втор и последен дуел меѓу Заев и Мицкоски. Не можам да поверувам дека Сител, Канал 5 и Телма не сакаат лидерски дуел. Објаснување? – напиша Героски.

Оттука, како можна причина за неволноста на Заев за ново соочување со Мицкоски и избегнувањето нов ТВ дуел се наметнува стравот од реакциите во јавноста, која по двете одржани дебати, во големо мнозинство му даде подобри оценки на настапот на Мицкоски.

Коментарите на социјалните мрежи, како по последната дебата на МРТВ, така и по таа на ТВ 24, се дека Мицкоски настапил убедливо и со јасно дефинирани ставови, додека Заев на дебатите делувал несигурно, нервозно и постојано употребувал едни исти голи фрази и флоскули.