Македонија 11. ноември 2020. / 19:14

Отстранет одронот на патот Дебар-Маврово предизвикан од земјотресот

Отстранет одронот на патот Дебар-Маврово предизвикан од земјотресот

Сообраќајот на патниот правец Дебар – Маврово и обратно е нормализиран, соопшти вечерва АМСМ.

Беше во прекин попладнево поради голем одрон од околу 200 кубни метри камен кој се урна на коловозот кај селото Долно Косоврасти, на патниот правец Дебар – Маврово.

Одронот настана дваесетина минути по последниот земјотрес и е последица од серијата потреси во поширокиот Дебарски Регион во текот на денешниот ден кои ги разнишаа карпите на овој патен правец.

Силен земјотрес рано утрово е почувствуван низ целата територија на Македонија. Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ соопшти дека станува збор за земјотрес со јачина од 5.0 степени според Рихтеровата скала почувствуван во 4:54 часот. Епицентарот е во селото Леуново, во близина на Маврово, на длабочина од 8,5 километри.

Точно на пладне кај Маврово повторно беше регистриран земјотрес со јачина од 4,4 степени според рихтер.

До вечерта беа регистрирани уште 3 земјотреси со јачина помеѓу три и четири степени според Рихтер и уште 30-на послаби. Еден од нив предизвика одрон на патот Маврово Дебар. Доцна попладнето одронот беше исчистен од страна на надлежните служби, а сообраќајот продолжи да се одвива непречено.

Не се регистрирани поголеми штети, а помали се пријавени во одделни куќи во Галичник.