Од 25 декември 2017 година кога Венко Филипче седна во министерското столче, вкупно 7 милиони евра од сметките на Министерството за здравство и здравствените установи во Македонија, завршиле на сметката на „Синерџи“, компанијата во сопственост на Горан Филипов, партнерот со кој куќа гради Катерина Савевска, тештата на министерот за здравство, објавува „Алфа“.
Според информациите од Бирото за јавни набавки, првиот тендер вреден 350.000 евра компанијата на Филипов, го договорила на 26 декември 2017 година, само еден ден откако Собранието го изгласа изборот на Филипче. Во текот на 2018 година, „Синерџи“ од здравствените установи во државата добила речиси 2 милиони евра.
Првите два месеци од годината, нешто помалку од 670.000 евра завршиле на сметката на „Синерџи“. И април бил доста бериќетен за компанијата на Филипов, тогаш на нивната сметка легнале речиси 450.000 евра.
Профитот бил многу поголем во 2019 година. Тогаш фирмата од Министерството за здравство и другите здравствени установи, добила речиси 4,7 милиони евра.
Најбериќетен месец во 2019 година бил декември, кога „Синерџи“ добила 1 милион и 850 илјади евра. Последниот и единствен тендер кој засега во 2020 година „Синерџи“ го договорила е вреден нешто повеќе од 60.000 евра.
„Алфа“ стапи во контакт со министерот за здравство, пти што тој најавил дека во текот на утрешниот ден пред камерата на „Алфа“, ќе ја раскаже својата страна од оваа приказна. Филипче претходно потврди дека го познава Филипов, но не биле многу блиски пријатели.
– Да, го познавам човекот, пријателски врски немаме некакви посебно. Меѓутоа, сум во контакт со него, го знам од порано, како од градов, така и тука од клиника – вели Филипче.
Од телевизијата се уште чекаат одговор околу оваа сторија од Горан Филипов. Денеска повторно се обратиле во „Синерџи медикал“, но не успеале да стапат во контакт со сопственикот. Повторни добиле одговор дека ќе бидат побарани за одговор, исто како минатата недела.