Македонија 13. јануари 2021. / 14:19

Од вкупно 2608 контроли, само пет локали се затворени заради непочитување мерки

Од вкупно 2608 контроли, само пет локали се затворени заради непочитување мерки

Во периодот од 4-ти до 10-ти јануари 2021 година, од страна на седумте инспекциски служби се спроведени вкупно 2.608 надзори и контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони во надлежност на инспекторатите.

При тоа, се забележува дека и понатаму се намалува бројот на издадени решенија од страна на Државниот санитарен и здравствен нспекторат, за изолација на лица заболени од коронавирус и на лица кои биле во контакт со заболени лица, информираат од кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски.

– Во последните седум дена Државниот пазарен инспекторат, изврши 1.789 контроли и 156 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна и по основ на материјалите закони. При тоа, ДПИ изрече 14 прекршочни пријави, 42 решенија за констатираните неправилности, како и 14 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, пет решенија се изречени за непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Решенијата се издадени на еден угостителски објект во Скопје, еден во Охрид и три објекта во Гостивар, поради непочитување на дозволеното работно време, при што објектите се затворени на лице место, велат од Кабинетот.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во периодот од 4-ти до 10-ти јануари, изврши 40 надзори. При тоа, ДСЗИ во посочениот период издаде вкупно 3.900 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од ковид 19, што преставува намалување во однос на претходниот период.

Во посочениот период, Државниот инспекторат за труд, изврши 412 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава, со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки на сите работни места. При спроведените контроли, овој инспекторат изрече 4 решенија и еден платен налог. Решенијата се издадени за непочитување на материјалните закони, односно во делот на прекршувања за исплата на плати и регреси за годишен одмор. Платниот налог е издаден за непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести.