Македонија 01. октомври 2018. / 14:19

Њујорк тајмс: Двете страни тврдат дека победиле на референдумот во Македонија

Њујорк тајмс: Двете страни тврдат дека победиле на референдумот во Македонија

Атина се плаши дека Македонците протерани за време на граѓанската војна ќе почнат да си ги бараат имотите, прашање што преговарачите за договорот за името го решија така што појаснија дека барањето имот ќе биде неприфатливо, вели Њујорк тајмс во анализа за вчерашниот референдум за промена на името и влегување на Македонија во ЕУ и НАТО.

Резултатите од референдумот во Македонија за промена на името беа изразено неодредени – што доведе до тоа двете страни да прогласат победа.

На референдумот беше поставено прашањето дали земјата да се преименува во Северна Македонија, во обид на владата да му стави крај на горчливиот, тридецениски спор со соседот Грција и да влезе во НАТО.

Грција остро се противи земјата да го користи името Македонија бидејќи тврди дека тоа имплицира територијални аспирации кон северниот грчки регион со исто име, вели американскиот весник.

Бројката на излезени е неуспех за владата и за западните лидери, кои од петни жили притискаа за цврст мандат од народот, иако владејачката партија е уверена дека може да ги собере парламентарните гласови за да ја одобри промената на името.

Прашањето дали да се промени името на земјата ја подели Македонија, а западните функционери велат дека Русија, која долго време се противи на проширувањето на НАТО, ја користи таа поделеност со дезинформациски кампањи што го преплавија интернетот неколку недели пред гласањето, вели американскиот весник и дава историјат на спорот за името Македонија.

Дебатата за името на земјата, вели Њујорк тајмс, чии корени се од четвртиот век пред нашата ера, за време на времето на Филип II и неговиот син Александар Велики, доби симболично значење многу поголемо од самото име.

Александар бил од хеленистичката култура, па Грците тврдат дека Македонците, кои зборуваат на словенски јазик, не може да полагаат право на неговото наследство, покрај тоа што тврдат дека промената на името би сугерирала територијални аспирации.

Во февруари, кога преговорите почнаа да покажуваат знаци на напредок, десетици илјади Грци маршираа до парламентот во Атина, мавтајќи со знамиња и пеејќи: „Македонија е Грција“. Името, велеа демонстрантите, е „во нашата душа“.

Но вистинската енергија зад протестите, кои повремено стануваа насилни, беа конзервативната Грчка православна црква и ултранационалистите, вклучувајќи ја и неонацистичката партија Златна зора. Западните функционери рекоа дека веруваат дека и олигарсите поврзани со Русија и Кремљ, исто така, одиграле важна улога во поттикнувањето на протестите.

Протестите во Македонија беа помали, но не и послаби, вели Њујорк тајмс и додава дека „спорот најдобро се илустрира со стотиците статуи и споменици што ја истакнуваат славата на древна Македонија, производ на неверојатно кичерската градежна треска во Скопје, предводена од тогашниот премиер Никола Груевски, пред да биде обвинет и суден за корупција и прислушување.

Но корените на сегашниот спор всушност се во војните на 20 век, вели весникот. Откако првата Балканска војна заврши во 1913 година, Македонија беше поделена на три дела од завојуваните страни – Грција, Србија и Бугарија. По Втората светска војна избувна граѓанска војна во Грција, а Македонците што зборуваа словенски беа на страната-губитник, па многумина беа протерани од територијата што сега е Грција.

Кога беше формирана Република Југославија, таа содржеше територија наречена ‘Македонија’, а кога Југославија се распадна во 1991 година по балканската војна, беше создадена ‘Република Македонија’. Таа беше признаена од повеќе од 140 земји, вклучувајќи ги и Кина, Русија и САД.

Но не и од Грција. Атина се плаши дека Македонците протерани за време на граѓанската војна ќе почнат да си ги бараат имотите, прашање што преговарачите за договорот за името го решија така што појаснија дека барањето имот ќе биде неприфатливо“, појаснува американскиот весник.