Во видео обраќање, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, ја честиташе Новата година на македонските граѓани.
Во честитката истакнува дека зад нас ја оставаме годината којашто го донесе најсериозниот предизвик со кој светот се соочил во последните децении, година на глобална пандемија од коронавирус, кој целосно ги промени нашите животи, нашето секојдневие.
-2020 година долго ќе ни остане во сеќавањата. Како се боревме со вирусот, но и како успеавме да одговориме на сите предизвици, здравствени и економски. Пред се како луѓе, а потоа и како држава, како општествен систем, истакнува генералниот секретар на СДСМ.
Додава дека како држава имавме навремен, соодветен, системски одговор на сите здравствени и економски предизвици, а како народ, покажавме зрелост и одговорност, со почитување на мерките и препораките за заштита од вирусот.
-Уште еднаш, од срце им благодарам на сите кои неуморно се бореа и се уште се во првите линии во борбата против вирусот. Здравствените лица, лекарите, медицински сестри, но и полицајците, војниците, инспекторите. Тие се нашите херои, тие ја имаат целата наша почит!, вели во видео обраќањето Николовски.
На крајот истакнува дека за нас Македонците, особено е важно што успеаме да влеземе во НАТО со сочуван идентитет, како Македонци кои говорат македонски јазик.