Македонија 30. јануари 2019. / 18:15

Николоски: Овој корумпиран систем ја скапува државата – луѓето или се приспособуваат или се иселуваат

Николоски: Овој корумпиран систем ја скапува државата – луѓето или се приспособуваат или се иселуваат

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во последната колкумна за Независен насловена „Менуваат име за да крадат – потврдено!“ се фокусира на последниот извештај на Транспаренси Интернешенл, во кој е нотирано дека Македонија е една од најкорумпираните држави, заедно со Косово во Европа.

Николоски потврдува дека овој извештај не претставува изненадување ниту за него, ниту за мнозинството граѓани, бидејќи корупцијата ја гледаме секаде околу нас.

-Ја има од најниските сектори, каде што буквално не можете да извадите документ ако не го „почестите“ шалтерскиот службеник кафе, виски или пари, или немате некој близок роднина; преку министерствата, општините, агенциите и владините институции, каде што исто така не се завршува работа без да „се почести“, преку отворената трговија со право и правдина со цел постигнување на политички цели, сè до сомнителни тендери и јавни набавки. Тоа го зборуваат и знаат сите. За жал, тоа е горкото секојдневие во кое живееме. Секојдневие кое не е создадено од вчера, ниту е нешто ново, секојдневие кое постои со години со децении. Секојдневие за кое подеднакво одговорност имаат сите претходни влади, и оние предводени од ВМРО-ДПМНЕ и оние од СДСМ, во кои коалициски партнер се албанските политички партии, а најчесто во последниве две декади, ДУИ. И тука амнестирање од одговорност нема за никого. – пишува Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека оваа власт беше избрана со ветување дека ќе направи промени, но напротив, ги разочара сите.

-Но што гледаме како реалност? Гледаме корупција која цвета диригирана од еден центар на моќ во СДСМ околу семејството на Заев, како и неговите најблиски соработници; и уште еден центар во ДУИ, кој си функционира со години. На тоа секако треба да се додадат неколку поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои лесно го најдоа патот до договор и соработка со оваа власт во замена за политички договори насочени кон обезличување на Македонија и промена на името. Секако, попатно и некоја штета да се направи на ВМРО-ДПМНЕ. Овој систем ја скапува државата, прави луѓето или да се приспособат на него, што народски се вика „да се снајдат“, или да изгубат секаков мотив за напредок и да се слеат во просечноста или да ја напуштаат државата. Оние кои го прифаќаат системот за корупција се сметаат за урбани херои кои „се снашле“, а сите останати за глупави кои немаат такви вештини. Тоа е суровата реалност. Затоа и многу заминуваат. И сè почесто заминуваат високообразовани и квалитетни луѓе. Значи, не како порано оние неквалификуваните што тешко доаѓаат до работа туку цутот Niна државата си оди, меѓу другото, и затоа што не сака да чека цел ден на шалтер само затоа што нема пријател или родина од другата страна и не сака да однесе кафе или виски. – пишува Николоски.

Целата колумна прочитајте ја ТУКА.