Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакнува дека е време за реализирање на второто сценарио, односно Владата предводена од Зоран Заев да падне во Собрание со обезбедување на соодветниот број на пратеници кои ќе изгласаат недоверба.
Николоски посочува дека тие, како ВМРО-ДПМНЕ интензивно работат на реализирање на ова сценарио, бидејќи се во постојана комуникација со политички партии кои се дел од владината коалиција, чии пратеници не се дел од СДСМ и ДУИ.
Николоски истакнува дека оваа Влада мора да падне ден поскоро, час поскоро.
-Од СДСМ се фатени за власта како пијан за плот и не ја пуштаат и затоа мислам дека ќе треба да се случи второто сценарио. А, тоа е власта да се руши во Собрание, односно да се обезбеди соодветното потребно мнозинство, со цел Владата да падне. Ние интензивно работиме на тоа, јас сум зборувал и во претходни наврати дека имаме комуникација со политички партии кои што се дел од владината коалиција во моментов, а нивните пратеници не се дел од СДСМ и од ДУИ. И очекувам тие промени да се случат, со цел да одиме на предвремени парламентарни избори и да одиме на едни чисти локални избори – вели Николоски.
Тој вели дека ова сценарио треба да се оствари затоа што Зоран Заев не покажал никаква рефлекција и зрак на самосвест, со тоа што го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, но и на другите опозициони партии, да се формира Влада на национален спас.
Како што потенцира Николоски, тоа ќе беше влада која требаше до ги вклучи најголемите експерти кои ќе требаше да се справат со економската и здравствената криза која ја предизвика корона вирусот, но и нарушените односи со Бугарија кои ја спречуваат интеграцијата во ЕУ на Македонија.
-Јас очекував дека Заев ќе рефлектира и ќе покаже некаков зрак на самосвесност и дека ќе го прифати нашиот предлог за влада за национално едниство и национален спас, затоа што Македонија се соочува со здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот и криза во односите со Бугарија којашто ја спречува европската интеграција на Македонија. И една таква мултиплицирана криза се решава само со една широка политичка поддршка и најголемите умови во државата, растоварени од политички натпревар. И нашиот предлог беше да влезе еден таков експертски тим кој што, по мое мислење, којшто можеше некаде до април – мај да ја надмине здравствената криза и да почне да заздравува економијата, да постави достоинствени македонски национални позиции во однос на Бугарија, и да одиме на предвремени парламентарни избори на кои би се избрала политичка влада – истакнува Николоски.