Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на прес-конференцијата истакна во однос на Изборниот законик преговорите влегле во ќор-сокак,но по вина на власта којашто на подмолен и недемократски начин сака да протурка решенија во Парламентот без претходна дебата и без спротиставување на аргументите.
Николоски посочи дека Заев и СДСМ не биле искрени кога вината ја насочувале кон опозицијата, затоа што, како што вели, нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица.
–Ваквото брзање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите што доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило досега да се менува изборен модел без консензус. Не се случило досега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички партии во дискусијата за истиот или барем најголемите – објаснува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ако целта на Заев е да избега од избори и ова да го користи како изговор, треба да знае дека бегање од волјата на граѓаните нема и ќе биде поразен на следните избори, кои ќе се случат на 12 април.
–Во изминатите неколку месеци постоеше интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во која што беше договорено и имаше за цел изнаоѓање на консензус по однос на изборниот модел, како и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои што се суштински за фер и демократски избори. Беше постигнат напредок на почетокот на оваа недела и напредокот се однесуваше во насока и покрај тоа што СДСМ поднесе законски решенија во Собранието истите да бидат преформулирани во моментот кога ќе се постигне финално решение. Решението требаше да се однесува на двете работи, изборен модел и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на изборите 2016, 2017, 2019 година. – вели Николоски.
Тој, како што вели, нашиот став и тогаш и сега беше дека не треба да се брза и дека треба да се вклучи целокупната експертска јавност и да се има јавна дебата низ која ќе се искристализираат најдобрите решенија.
–За нас, најдобро решение кое што дава најголем индивидуалитет на пратениците и поврзаност со гласачите од средините од кои што доаѓаат е чистиот мнозински модел по пример на Велика Британија, Канада и САД. Разговорите беа успешни до пред неколку дена и беше постигнат усмен договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Практично заедничкиот став трбаше да даде позитивен импулс и ги содржеше следните поенти: Со оглед дека за овие избори согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР објективно нема доволно време за имплементација на нов изборен модел, како и дека за промена на изборниот модел потребни се широки политички и општествени дебати и консензус. Двете партии се согласија дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година ќе пристапат кон интензивни преговори во насока кон постигнување на таков консензус. Втора поента, сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво. Сето ова падна во вода кога СДСМ реши на сила шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура – подвлече Николоски.