Македонија 08. мај 2018. / 09:55

Наумовски знаел за посетата на Шекеринска на САД – МНР го испитува случајот

Наумовски знаел за посетата на Шекеринска на САД – МНР го испитува случајот

Амбасадата на Македонија во Вашингтон беше информирана за посетата на вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на САД.

Амбасадорот Васко Наумовски не ја пречека, ниту пак ја испрати делегацијата од МО, воопшто не стапи во контакт со делегацијата, ниту пак изрази каков било интерес за текот на посетата. Недозволиво е за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден во нацрт–програмата на Министерството за одбрана, амбасадорот да не се појави, одговараат од МНР за МКД.мк на прашањето за недоразбирањатаза време на посетата на министерката Радмила Шекринска во Вашингтон.

Од МНР велат дека на 5 април Министерството за одбрана со допис го известило МНР дека во периодот од 25 април до 2 мај министерката за одбрана Шекеринска ќе оствари официјална посета на САД, за време на која била договорена средба на највисоко ниво, во Министерството за одбрана на САД, а дека се планираат и средби во Стејт департментот и средби со конгресмени и сенатори, за чие организирање било побарано посредување на амбасадата.

„Во дописот од МО беа наведени детали за составот на делегацијата од Министерството за одбрана, и времето на пристигнување и заминување на делегацијата предводена од Шекеринска, при што беше побарано ‘со содржината на дописот да биде запознаена амбасадата на РМ во САД, а во насока на максимална вклученост во организацискиот дел од посетата и логистичката поддршка за реализација на истата“ велат од МНР.

„На 10 април МНР формално ја инструира амбасадата на РМ во Вашингтон за предметната посета и за натамошно постапување го достави споменатиот допис со детали околу посетата.

Согласно со вообичаената дипломатска практика, при сите посети на високи официјални претставници на Република Македонија во странство, дописи со слична содржина се доставуваат до надлежните дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) и секогаш, без исклучок, шефовите на ДКП-ата проактивно се вклучуваат во фазата на организација на посетата, пречекот и испраќањето на делегацијата и соодветно, во договор со шефот на делегацијата, во реализација на посетата.

Како пример, при сите досегашни посети на Шекеринска во странство, дописи со слична содржина преку МНР беа доставувани до сите надлежни ДКП-а и секогаш, без исклучок, шефовите на ДКП-ата проактивно беа вклучувани во фазата на организација на посетата по што беа вклучени и во официјалните средби во земјите-домаќини (посетите на Албанија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Турција, Обединетото Кралство, Германија, Косово)

Амбасадата и амбасадорот на РМ во Вашингтон беа навремено информирани и инструирани за предметната посета. Притоа, логистичката поддршка и побараните средби во Белата куќа и Стејт департментот се организирани согласно барањето од МО, но амбасадорот не се појавил ниту на пречекот, ниту на испраќањето на делегацијата, туку само испратил претставник на амбасадата – дипломат во својство на возач на едно од возилата за пречек/испраќање. Во текот на посетата, амбасадорот воопшто не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак изразил каков било интерес за текот на посетата што цениме дека е недозволиво за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден или не во нацрт – програмата на Министерството за одбрана. Во крајна линија, во случај на дилеми, амбасадорот требало телефонски да се консултира со МНР и МО околу неговото учество во програмата.

Од овие причини, во МНР во тек постапка за расчистување на случајот“, се вели во одговорот на Министерството за надворешни работи на прашањата на МКД.мк.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска по враќањето од Вашингтон за ТВ Телма изјави дека амбасадорот на Македонија во САД, Васко Наумовски ниту ја пречекал ниту ја испратил по нејзината посета и средбите со највисоки функционери во Пентагон и во Стејт департментот.

„Се согласувам дека е скандалозно да нема интерес да биде на тие средби, кои по цели 6 години повторно се на највисок ранг“, рече Шекеринска. Таа смета дека е сосема легитимно правото на амбасадорот да биде со друго политичко убедување, но не го разбира потегот на Наумовски да постапува така кога се во прашање државни работи.

„Ако му пречи актуелната власт, како не му пречи секој први во месецот да си ја земе платата и да седи во Вашингтон?“, рече Шекеринска за Телма.